Фудбал У21 – Квалификации за ЕП

Позитивен резултат за успешна иднина!

11.08.2014 14:22

Дуелот против Израел на „Националната Арена Филип Втори“ ќе биде вистинска проверка затоа што противникот е искусен со учества на две првенства...

Само со по една победа и нерешено, младата фудбалска репрезентација на Македонија оддамна не е конкурентна во осмата квалификациска група за Европското првенство, но пристапот кон последните два меча и тоа против Израел не смее и нема да биде формален. На дебито на клупата, в.д. селекторот Вујадин Станојковиќ очекува новата генерација да потврди дека има талент и да најави дека следните квалификации ќе донесат и резултат. Дуелот против Израел на „Националната Арена Филип Втори“ ќе биде вистинска проверка затоа што противникот е искусен со учества на две првенства, квалитетен и е во игра за едно од четирите втори места што обезбедуваат плеј оф. Во обид позитивно да го заврши единаесетиот циклус, Македонија ќе биде без Давид Бабунски од Барселона Б кој реши да се насочи на настапите на сениорската репрезентација, без Исник Алими од Киево кој го одбил повикот размислувајќи дали да игра за Албанија и без повредените Валмир Нафиу од Хамбургер и Кристијан Тошевски од Тетекс.

„Секоја настап за репрезентацијата е гордост, не само за фудбалерите, туку и за мене и за мојот стручен штаб. Секој натпревар е со императив да се одигра што подобро и нормално преку таа квалитетна и професионална игра да се дојде до резултат без разлика на силата и моќта којашто ја има Израел кој се бори за пласман понатаму. Ние нема да отстапиме ниту еден момент, тактички добро ќе с еподготвиме. Добро ги анализиравме квалитетите на Ирзаел и подготвено ќе го дочекаме натпреварот во среда“, изјави Станојковиќ на прес конференцијата.

Покрај овој меч, македонските фудбалери до 21 години ќе му гостуваат на Израел на 9 септември со цел да го избегнат последното место во групата. Досега Македонија беше поразена четирипати и собра 4 бода исто како и Азербејџан против кога нашите млади фудбалери славеа во Скопје, ремизираа во Баку и имаат подобра гол разлика. Со максимален ефект во шесте натпревари, Португалија веќе го обезбеди првото место и учеството во баражот за шампионатот што наредната година ќе се одигра во Чешка. Со по уште три меча за доигрување, Израел и Норвешка имаат по 9 бода.

Преносот од дуелот Македонија – Израел ќе биде в среда на МРТ собранискиот сервис во 20 часот.