Обвинителство

Случај „Адитив“: Претседателката на ДКСК под лупа на истражителите

24.04.2025 19:36

Наместо да бара корупција, ѝ најдоа сомнеж дека е вмешана во корупција. Првата антикорупционерка, Татјана Димитровска, остана без пасош, како мерка за претпазливост додека се истражува нејзината евентуална вмешаност во случајот „Адитив“…

Проширена истрагата за случајот „Адитив“. Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска под лупа на истражителите заедно со уште две осомничени лица. Првата антикорупционерка остана без пасош, затоа што по исказот во скопска единица, судија на претходна постапка го прифати барањето на Обвинителството да го обезбеди нејзиното присуство за време на истрагата.

„Во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се определуваат мерки за претпазливост согласно точка 3 и точка 7 односно – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова; и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Досега за овој случај е поднесено обвинение за 31 лице, меѓу кои и екс-директорот на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство. Обвинителството ја процени штетата врз државниот Буџет на 6,5 милиони евра. Станува збор за тендерски злоупотреби, каде адитивите што се купувале се плаќале три пати поскапо.

Засега од Обвинителството не соопштуваат за што точно е осомничена првата антикорупционерка. Неофицијално, таа се товари за оддавање службена тајна, што било утврдено со вештачење на телефоните на дел од обвинетите.

Анита Димитријевска-Велковска