Сè погласно се зборува за мир во Украина, на фронтот битките сè пожестоки
Во украинската престолнина ден на жалост по вчерашниот напад во кој загинаа 12 лица, а десетици беа ранети. И изминатата ноќ руски гранатирања во пет региони, има жртви и повредени. Американскиот претседател уверува дека врши голем притисок врз Москва, а Русија направила прилично голема отстапка со тоа што не ја зазела целата држава. Од руското МНР уверуваат дека се подготвени за договор, но деталите треба да се финализираат.

Сè погласно се зборува за мир во Украина, но, на фронтот битките сè пожестоки. Украина повторно нападната со над 100 дронови, има жртви и ранети. Во Киев, ден на жалост. Откако го укори Путин за нападот во кој загинаа десетмина, а десетици беа ранети, Трамп уверува дека врши голем притисок врз Москва која има рок да го склучи мировниот договор. Русија направи прилично голема отстапка за да ја прекине војната во Украина со тоа што не ја зазела целата држава, вели шефот на Белата Куќа. Претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, во Москва на нова средба со рускиот претседател.
„Ние вршиме голем притисок и Русија го знае тоа, и некои луѓе кои се блиски до неа знаат. Мислам дека сака да се договори, ќе дознаеме наскоро. Но, потребни се двајца за танго. И Украина треба да сака да склучи договор. И тие се многу силно погодени и верувам дека сакаат да склучат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Украина мора да има целосна автономија во одлучувањето за условите на мировниот договор, став на британскиот премиер Стармер. Русија е подготвена да склучи договор, но постојат одредени одредби кои што треба да се финализираат и Москва работи на тоа, изјави првиот руски дипломат Лавров.
„Претседателот на САД верува, и јас мислам дека се движиме во вистинската насока. Во изјавата на претседателот се споменува договор, и ние сме подготвени да постигнеме договор, но се уште има некои конкретни точки, елементи од овој договор што треба добро да се усогласат“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Трамп и лидерите на европските држави се согласуваат дека Русија е долгорочна закана за територијата на НАТО, рече генералниот секретар на алијансата.
Јасно е дека со два насто не можеме да ја браниме територијата на НАТО. Знаеме какви се празнините за да ги зачуваме териториите на НАТО, а добрата работа е што трошејќи многу повеќе на канадската и европската страна, ќе се изедначи со она што го плаќаат САД“, истакна Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Во годишниот извештај на НАТО за 2024 стои дека пиоритет на сојузот е да стане посилен и поагилен во одвраќањето и одбраната од сите закани.
Маријана Димовска
