Ватикан

Последен ден на оддавање почит на Папата Франциск

25.04.2025 12:52

Досега, над 100.000 верници му изразија почит и благодарност на Папата Франциск пред скромниот, дрвен ковчег со неговото тело изложено во базиликата Свети Петар во Рим. Католиците од целиот свет се слеаја во Ватикан за да бидат дел од церемонијата на заминувањето на понтифот, на којашто треба да присуствуваат светски лидери и претставници на кралски династии. Изборот на новиот Папа би требало да почне на петти мај, оценуваат светските медиуми кои известуваат од настанот…

Највисоката градба во Рим, базиликата Свети Петар е претесна одеднаш да ги прими следбениците на делото на Папата. Илјадници католички верници, но и припадници на другите вери во непрекинати колони изразуваат почит на Франциск, поглаварот на Светата столица, којшто го изненадуваше светот со неговата скромност.

„Тука дојдовме како туристи, и сега имаме прилика да го видиме папата заедно со католиците од целиот свет. Нема да имаме друга прилика.“

„Со него многумина се придружија на католицизмот, мене ме инспирираше и на тој начин бев поврзана со него.“

„Кога го видов во дрвен ковчег ми потекоа солзите. Си велам Господе, ти благодарам за човеков. Многу скромен папа, многу скромен слуга“-велат верниците.

Вечер следува и ритуалот на запечатувањето на ковчегот во кое е изложено телото на поглаварот на Светата столица.

„Тоа е ритуал кога кардиналот Фарел, камерлено на Ватикан, префрла бела ткаенина врз лицето на папата и исто така се става цилиндар со парче хартија во која е сумирано папинството на Франциск. Ковчегот со Папата ќе се движи низ улиците на Рим каде што ќе биде неговото вечно почивалиште со табла на којашто ќе пишува едноставно: Францискус“, објаснува Триша Томас-специјален известувач на „Асошиејтед прес“ од Ватикан.

За безбедноста, покрај швајцарската гарда, туку и италијанската полиција со анти-дрон пушки и топови од помал калибар. Над педесет светски лидери и 10-на монарси ќе присуствуваат на заминувањето на првиот понтиф од Јужна Америка. Во Буенос Аирес поранешните соседи му се поклонуваат на папата кој носеше обични чевли, додека неговиот претходник црвени и сјајни влечки.

„Во катедралата Сан Хозе го видов многупати, и кога беше бискуп и кога стана надбискуп. Секогаш ме благословуваше. Му велев дека не гледам добро, а тој ми шепотеше во увото, гледаш тоа што треба да го видиш“, вели Алисија Гиганте, сосетка на папата Франциск.

Почит кон Франциск и во Русија, одржана миса со реквием во московската катедрала на Света Богородица.

„Тој беше голем пример за нас. Затоа свештенството го нарекуваше човек со срце на Исус“, изјави Наталија Мансиријан, жителка на Москва.

Во Ватикан продолжи собирањето на 135-те кардинали чијашто Конклава за избор на нов папа најверојатно ќе почне во Сикстинската капела на петти мај.

Зоран Богатинов