Нови правила за специјализирана медицинска рехабилитација

11.08.2014 15:27

Од први септември стапуваат во сила нови правила за специјализирана медицинска рехабилитација. Бесплатно еднократно лекување годишно за четири групи тешко заболени во бањите и во соодветните болници...

Деца со онколошки заболувања, заболените од склероза, воспаление на зглобовите и лицата со хемофилија бесплатно  ќе можат еднаш годишно да одат на медицинска рехабилитација. Без претходно да бидат хоспитализирани овие осигуреници за прв пат ќе го користат ова право по клинички преглед.

„Досега специјализирана медицинска рехабилитација користеа 2.000 лица, а со ова од 1 септември се зголемува бројот на осигуреници кои ќе ја користат оваа здравствена услуга на 2.500, на осигурените лица со рехабилитацијата се обезбедува постапка на физикална терапија со постојан стручен надзор од медицински лица“, вели директорката нма ФЗОМ, Маја Пранарџиева- Змејкова.

По барање на лекарите, се воведува и дијагностицирање на можни контраиндикации со што ќе се утврди кои лица можат да се подложат на медицинската рехабилитација.

Со овие нови четири мерки на фондот, на осигурениците им се овозможува побрзо да ги отстранат функционалните пречки и да ја подобрат здравствената состојба.

Пред две години Фондот за здравство обезбеди медицинска рехабилитација четири пати во годинатана децата со церебрална парализа до три годишна возраст, а над три години ова право да го остваруваат двапати годишно.

 

Андријана Атанасовска