Енергетика

Божиновска: Новиот Закон за енергетика- документ што ќе го обликува енергетскиот сектор

25.04.2025 13:52

„Горда сум што овој закон го напишаа македонски професионалци од јавната администрација, луѓе со долгогодишно искуство во енергетиката, без дополнителен надомест. Тие поставија високи стандарди за идната работа на министерството, и тоа е нешто што треба да го цениме“, истакна Божиновска.

Новиот Предлог-закон за енергетика е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении. Ова не е само закон, туку визија за модерен, одржлив и конкурентен енергетски систем што ќе донесе придобивки за економијата, граѓаните и животната средина.

Овој закон е дел од нашите обврски како членка на Енергетската заедница. Го транспонираме европскиот „Пакет за чиста енергија“, кој вклучува директиви и регулативи како Директивата (ЕУ) 2019/944, Регулативата (ЕУ) 2019/943, CACM, REMIT и други. Требаше да го усвоиме до крајот на 2023 година, но, да бидеме искрени, задоцнивме. Сега, во април 2025, сме целосно посветени да ја завршиме оваа работа. Со донесувањето на законот, ќе ги затвориме споровите со Енергетската заедница, како случаите ECS-11/24 за електрична енергија и ECS-21/24 за гас, што е важно за нашиот меѓународен углед.

Но, овој закон не е само за исполнување европски обврски. Туку основа за создавање енергетски систем што ќе привлече инвестиции, ќе создаде работни места, ќе ја заштити животната средина и ќе обезбеди сигурна, достапна енергија за секој граѓанин. Тоа е дел од нашата реформска агенда за поблиску до ЕУ, но и за подобар живот тука, дома.

Овој закон од 317 члена е резултат на напорна работа и широка соработка. Процесот почна пред формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, но не се заврши. Откако се формираше министерството, создадовме работна група со претставници од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), МЕПСО, ЕСМ, ЕВН, ТЕ-ТО, МЕМО, стопанските комори и други засегнати страни. Одржавме 14 состаноци, а на 24 октомври 2024 година го ставивме предлогот на јавна консултација на платформата ЕНЕР. Добивме коментари од Енергетската заедница и ги вградивме во текстот, со поддршка од правни експерти од ЕБРД.

„Горда сум што овој закон го напишаа македонски професионалци од јавната администрација, луѓе со долгогодишно искуство во енергетиката, без дополнителен надомест. Тие поставија високи стандарди за идната работа на министерството, и тоа е нешто што треба да го цениме“, истакна Божиновска.

Законот е пред Собранието, немаше забелешки од собраниските комисии. Сме отворени за амандмани во второто читање, за да го направиме текстот уште подобар. Целта ни е да создадеме закон што ќе трае, што ќе даде правна сигурност и нема да бара чести измени. Имплементацијата бара соработка на сите институции – ќе треба да ги зајакнеме капацитетите на РКЕ, операторите на мрежите и министерството. Ќе воведеме нови процедури, платформи за известување, обуки за кадар и ќе соработуваме со регионални и европски партнери. Исто така, ќе работиме со приватниот сектор и граѓанските организации, велат од Министерството за енергетика.