Случај „Адитив“

Истрагата за случајот „Адитив“ се проширува, првата антикорупционерка Димитровска осомничена за оддавање службена тајна

25.04.2025 18:38

Случајот „Адитив“ ја разбранува јавноста. Истрагата се проширува, а последните информации велат дека на првата антикорупционерка Татјана Димитровска судот и го одзеде пасошот, а доби забрана да работи на предмети како дел од Комисијата. Осомничена е за оддавање службена тајна. За друго лице, вмешано во постапката, Судот определи 30-дневен притвор...

Истрагата против првата антикорупционерка лошо ќе се одрази врз институцијата која во овој сензитивен период е клучна во борбата против корупцијата. Правници апелираат случајот брзо да се расчисти за да се утврди дали има евентуална вина кај Димитровска, иако и со самото нејзино приведување е фрлена голема дамка врз Комисијата.

Поранешниот член на Антикорупциска, Драган Малиновски смета дека ќе има сериозни проблеми во функционирањето на Комисијата, бидејќи е нарушена довербата во институцијата. Тој апелира на итна реакција од Собранието кое ги избира и назначува членовите, но и да се утврди одговорност согласно со законот за спречување на корупција.

Власта и опозицијата со повик да се утврди реалната состојба и ако некој го прекршил законот, да понесе одговорност.

Кривичен за антикорупционерката Татјана Димитровска одреди мерки на претпазливост. Одземен и е пасошот и доби забрана за работа. Таа се сомничи дека оддала службена тајна на еден од обвинетите во „Адитив“, три месеци откако беше назначена на функцијата.

 

Викторија Милевска