Дали се доведени во прашање лиценците на сите стоматолози во Македонија?
Стручна комисија ќе го проверува работењето на Стоматолошката комора. Министерот Таравари потврди дека има неправилности - постои сомнеж дека лиценците на стоматолозите биле обновувани со невалидни сертификати од фиктивни здруженија, кои не се регистрирани во Централниот регистар. Здружението на приватни стоматолошки ординации и лекари обвини дека зад неколку вакви здруженија стои претседателот на комората. Оттаму, пак, велат дека нема ништо спорно...

Министерството за здравство проверува дали се доведени во прашање лиценците на сите стоматолози во Македонија и дали истите се обновувани со невалидни сертификати.
За неправилностите во континуираната едукација на 3.500 стоматолози во земјава, кои ги вршела Стоматолошката комора со години наназад, реагира Здружението на приватни стоматолошки установи и доктори по дентална медицина. За да ја обноват лиценцата, стоматолозите морале да посетуваат две обуки годишно, за кои плаќале од 1.500 денари па нагоре.
Министерот Таравари потврди дека се констатирани неправилности во работењето на Стоматолошката комора. За да се соочат со аргументите и фактите, министерот ги поканил на состанок претседателот на Стоматолошката комора и членовите на здружението. Вели, можеме веднаш да одземеме ингеренции на претседателот на Стоматолошката комора, но не е цел некој да е казнет тука да се најде решение. По средбата, министерот побарал уште една стручна комисија.
„Чекам второстепената комисија да ги донесе комплетно заклучоците, доколку има неправилности ние веднаш ќе ги проследиме до институциите кои со тоа се занимаваат, ние не сме обвинителство и ниту финансиска полиција, тогаш ќе се одземат ингеренциите на претседателот на Стоматолошката комора, да почекаме. Наредната недела ќе има мислење од втора комисија и според тоа ќе постапиме“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Од Стоматолошката комора на Македонија сметаат дека забелешките на надлежното министерство се неоправдани.
„Како што го известивме и министерот, сметаме дека ваквата интенција за одземање на јавните овластувања би можела да доведе до сериозни импликации по целиот здравствен систем, кое се однесува и на другите медицински комори кои, исто така, преку т.н. нелегални здруженија спроведуваат континуирана стручна едукација“, стои во одговорот од Стоматолошката комора.
Наташа Јанчиќ-Менковски
