Здравство

Штипската и кочанската болница нудат амбулантски третман на повредените од пожарот

25.04.2025 16:51

Повредените од пожарот во Кочани кои се на домашно лекување амбулантски се третираат во болниците во Штип и Кочани. За болничко лекување надлежните утврдиле дека во моментот нема услови, најмногу во поглед на стерилноста на болничките соби. Странски експерти за лекување на пациенти со изгореници во кочанската болница вршат обука на лекарски тим од источниот регион …

Штипската и кочанската болница се подготвуваат за лекување на настраданите во пожарот во кочанската дискотека. Двајца физијатри, десетмина физиотерапевти, медицински сестри и пластични хирурзи од источниот регион, во Кочани имаат интензивна обука од експерти од СЗО за пациенти со изгореници. Обуката ќе трае еден месец.

За болничко лекување на пациенти со изгореници за сега во штипската болница ги нема сите потребни услови во поглед на стерилност на просториите. Потребна е адаптација на болничкиот Оддел на физикалната терапија, заклучи Санитарната инспекција и експертскиот тим за болничко лекување од Обединетото кралство.

Славица Величковска