Евроинтеграции

Муцунски: Да се стави крај на билатерализацијата на проширувањето

25.04.2025 16:27

Да се стави крај на билатерализацијата на проширувањето-шефот на дипломатијата Муцунски загрижен дека Македонија може да ја пропушти 2030 година за членство во ЕУ. Тој му беше домаќин на црногорскиот колега, кој повика со реформите да ги замолчиме евроскептиците. Лидерот на СДСМ, Филипче смета дека блокадата на интеграцијата ја загрозува иднината…

Спроведувањето на реформските процеси и унапредување на владеење на правото клучни при европските интграции – согласни се двајцата министри.

„Крајно време е да престанеме да преговараме за националните и идентитетските прашања“-порача министерот Муцунски. Вели, билатерализацијата на проширувањето може да му наштети на регионот.

Муцунски потврди дека дијалогот и комуникацијата со Бугарија никогаш не престанала, а се работи на договарање средба во проширен состав. Во однос на 313 амандмани во Европскиот парламент, Муцунски изрази надеж дека ќе бидат прифатени само оние кои кореспондираат со реалноста.

Црногорскиот министер за надворешни работи, Ибрахимовиќ, посочи-секој изминат ден во евроинтегративниот процес е загуба и за државата кандидат, но и за Европската унија, особено кога во регионот делуваат дестабилизирачки сили.

„Наше е да ја спроведуваме агендата, а Брисел треба да ги препознае заслугите“-смета Ибрахимовиќ.

Претседателот на СДСМ, Филипче смета дека власта не презема ништо за унапредување на евроинтегративниот процес и побара искрени реформи.

Нашата посветеност кон европската интеграција треба да престане да се мери по бројот на отстапките, став на шефот на македонската дипломатија, Муцунски.

Марина Стојанова-Тонева