Здравство

Пристигна биолошката терапија на онкологија

25.04.2025 15:45

Во текот на следната недела ќе пристигнат сите лекови што недостигаат. Пациентите ќе бидат известени кога да дојдат да ја примат или да ја подигнат таблетарната терапија. Ќе се набават и седум нови лека за канцер.

По еден месец, дел од пациентите болни од канцер почнаа да ја примаат биолошката терапија. Доцнеше поради тендерот за јавни набавки и долгите бирократски процедури, поради што, пациентите бараат дел од лековите да бидат ставени на позитивната листа.

„Во моментот кога таа терапија ќе премине на позитивната листа тоа не значи дека ќе биде неограничена количината на терапијата ќе значи пократки набавки тендерски процедури и се што е поврзано со набавката на лековите“, вели Ана Марјановиќ од здружението Хема- онко.

Во текот на следната недела ќе пристигнат сите лекови што недостигаат. Пациентите ќе бидат известени кога да дојдат да ја примат или да ја подигнат таблетарната терапија. Ќе се набават и седум нови лека за канцер.

Годинава буџетот на Клиниката за онкологија е зголемен двојно, со тоа надлежните очекуваат да не се повторува недостигот со биолошка терапија.

Клиниката за онкологија изминатиов период често остануваше без лекови.

Поранешниот директор на фондот за здравство Никола Пановски смета дека доколку клиничкиот центар би функционирал со еден директор, набавките би биле и полесни и поевтини. Поради законските процедури, лекарите се плашат да земаат лек на реверс.

„Во некои случаи лекот е тука, пациентот умира и ние сега чекаме да заврши тендерот или некој што се жалел. Тоа не смее да се дозволи. Тие луѓе треба да бидат похрабри, кога се гледа дека не е криминал, туку спасување човечки животи да се овозможи тоа. Еве како идеа кажувам бидејќи постои кај лековите во аптеките, да има комисија при Малемд или Фондот за здравство која ќе ги одредува цените на лековите, така наречени референтни цени како што се во аптеките“, вели д-р Никола Пановски – микробиолог, поранешен директор на ФЗОМ.

Пред две недели на Клиниката за кардиохирургија почина пациент чекајќи операција поради разлистена аорта. Државниот санитарен и здравствен инспекторат нотираше дека немало стентови. Надзор направи и стручната комисија на Министерството за здравство, но извештајот сè уште не е готов.

Андријана Ѓурческа