Во кумановскиот суд зголемен бројот на судии, но недостигаат дактилографи
Кумановскиот суд е побогат за четворица судии. Но установа сè уште се соочува со недостаток на судски референти, дактилографи. Надлежните се надеваат дека ќе им бидат одобрени овие вработувања и дека судот кој е еден од поголемите во државата, повторно ќе биде успешен.

Кумановскиот Основен суд доби четворица нови судии. Сега бројот изнесува 20. Од судот кој со години се соочуваше со недостиг на кадар очекуваат да се надмине проблемот со застој на предмети. Со новите вработени се надеваат дека повторно ќе станат успешен суд.
„Спаѓавме негде на 14-15, сега ни се избрани нови судии, уште четири, така што стигнавме до бројка од 20 судии, за кои се надеваме и сметаме дека конечно ќе се вратиме на оној дел, каде што Основен суд Куманово беше броен и успешен суд“, изјави Снежана Манев, претседателка на Основен суд Куманово.
Тројца од новите судии се распределени во граѓански оддел и во работни односи, и еден во кривичниот оддел. Во работни односи кумановскиот суд бележи над 1.000 предмети, нешто над оваа бројка има и во прекршоците.
Кумановскиот суд во минатото имал 36 судии. Меѓутоа по законските измени, за навремено завршување на предметите, бидејќи судот е од поголемите во државата, по скопските, велат потребни се 25 судии.
Но, установата има недостаток на судски референти и дактилографи. Некои се на боледувања, други дале отказ, или најавиле пензионирање. Во моментов работат 15 дактилографи, што не е доволно за да се покријат судиите. Неопходни се дополнителни седум, за што веќе е испратен и допис за вработување. Но одговор сè уште нема.
Елена Георгиевска
