Ракомет

Марсениќ во Металург на Струшкиот турнир?

11.08.2014 16:54

На 42-то издание што се отвора в среда, ќе се претстават шест екипи поделени во две групи а ги предводат двете водечки македонски екипи...

Атмосферата се подгрева пред почетокот на традиционалниот ракометен турнир во Струга.

На 42-то издание што се отвора в среда, ќе се претстават шест екипи поделени во две групи а ги предводат двете водечки македонски екипи.

Бранителот на титулата, Металург ќе биде во конкуренција со новиот француски прволигаш Кретеј чии бои оваа сезона ќе ги брани нашиот репрезентативен голман, Борко Ристовски, и со петопласираната екипа во најсилната лига на Полска, Асоти – Пулави.

Вардар е во Б групата заедно со третопласираниот српски тим во минатата сезона, Металопластика и со моментно третиот руски тим во најквалитетната лига, Санкт Петерсбург.

Македонскиот првак Металург трет пат по ред е дел од овој квалитетен собир, кој е  одлична контрола пред новата сезона, и против Кретеј ќе игра во првиот официјален меч во Струга.

Избраниците на Лино Червар со идентични амбиции дома и на меѓународната сцена, ги отвораат подготовките.

Во Струга најверојатно треба да го добијат најновото засилување од Патизан, Мијајло Марсениќ. Двата клуба ја договараат отштетата за квалитетниот пикер, кој треба да го пополни невралгичното место во тимот. Белграѓани бараа 50.000 евра за предвремен раскин на договорот, Металург понуди 30.000.

Преносите од струшкиот турнир и оваа година на МРТ собранискиот сервис.