ВАТИКАН

Светот се прости со папата Франциск

26.04.2025 12:54

Десетици илјади луѓе се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан на погребот на папата Франциск. Под засилено безбедносни мерки над 160 делегации, му оддадоа последна почит на неговата светост. Меѓу присутните, американскиот претседател Трамп, францускиот Макрон, принцот Вилијам и британскиот премиер Стармер, украинскиот претседател Зеленски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Погребот на папата Франциск се одржа шест дена по неговата смрт...

Последно збогум за папата Франциск. Десетици илјади луѓе се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан да присуствуваат на погребот на понтифот. Аџии, православни свештеници, калуѓерки, над 160 делегации, му оддадоа последна почит на Неговата Светост. Меѓу присутните, американскиот претседател Трамп, францускиот Макрон, принцот Вилијам и британскиот премиер Стармер, украинскиот претседател Зеленски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, генералниот секретар на ООН, Гутереш.

„Колеџот на кардиналите, срдечно ви благодарам на сите за вашето присуство, со почит и искрена благодарност до шефовите на држави, шефовите на влади и официјалните делегации кои дојдоа од многу земји да ја изразат својата наклонетост, почит за нашиот покоен Свети Отец. Длабокиот понтификат на папата Фрањо ги допре умовите и срцата. Последната слика што ја имаме за него, а ќе остане врежана во нашето сеќавање, е онаа од изминатата недела, Велигден, кога папата Франциск и покрај неговите сериозни здравствени проблеми, сакаше да ни го даде својот благослов од балконот на базиликата Свети Петар“, изјави кардиналот Џовани Батиста Ре.

Под силни безбедносни мерки од Швајцарската гарда и илјадници италијански полицајци од различни единици, погребната миса почна рано утрово во базиликата „Свети Петар“, по што продолжи на истоимениот плоштад. Ковчегот беше однесен во Рим, во вечното почивалиште на понтифот во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Франциск е првиот папа погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век, а упатствата за церемонијата ги даде лично тој. Ги ревидираше и поедностави ритуалите, а неговата цел беше да ја нагласи улогата на папата како обичен свештеник, а не како „моќен човек на овој свет“.

„Тој е најскромната личност што некогаш сум ја сретнал, што некогаш сум ја познавал“, рече еден од присутните верници.

„За мене, велам дека тој е светец, нежен, човек на мир кој сакаше мир за целиот свет. Се молевме толку многу. Тука сме да му одадеме почит затоа што тој секогаш велеше „не заборавајте да се молите за мене“, рече друг.

„Дојдов овде на мисата да се простам од папата Франциско затоа што тој направи многу работи за црквата, се грижеше за сите и пред сè сакаше мир“, изјави верник.

„Папата Франциск не потсетува дека сме христијани и мора да живееме како христијани. Ова е најубавото нешто“, изјави кардиналот Фернандо Филони.

„Се сеќавам на неговата насмевка и неговата радост“, рече кардиналот Винсент Николс.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, на 88-годишна возраст од мозочен удар и срцев застој во неговата резиденција во Ватикан. Тој беше 266-тиот папа и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум. Изборот на нов папа најверојатно ќе почне во Сикстинската капела на петти мај.

Маријана Димовска