Двојна придобивка од победата над Белгија
Не само што на хоризонтот јасно се гледа следниот континенталниот кошаркарски собир, туку и Македонија, вчера, доби нови херои...

Македонија е уште поблиску до одржување на традицијата и до исполнување на првата идеја во овие квалификации. Со триумфот против фаворизираните Белгијци, на отворањето на циклусот за место на Евробаскет 2015, придобивката е двојна. Не само што на хоризонтот јасно се гледа следниот континенталниот кошаркарски собир, туку и Македонија, вчера, доби нови херои.
„Ова беше еден од најтешките натпрревари во нашата група против фаворизираната Белгија. Клучно беше второто полувреме во коешто ја подобривме одбраната. Мислам дека пресуди тимската игра“, рече Марко Симоновски.
Постојано во втор план и без реална шанса да ги покажат своите вистински можности, момчињата што го носат црвено-жолтиот дрес конечно ги дочекаа своите минути. Војдан Стојановски и Бојан Трајковски се издвоија со по 16 поени, Ричард Хендрикс го одработе своето со 11 скокови и со 5 блокади, Александар Костовски подели 4 асистенции, Марко Симоновски го постигна победничкиот кош, но ова е селекција во која што царува неверојатна атмосфера и владее тимскиот дух. Селекторот постојано потенцира дека овој тим може само со максимална пожртвуваност и со беспоштедна борба, да стигне до целта. Џикиќ игра со 14 пиони, кај него нема кралеви и кралици. Иако и со два пораза од Белгија можевме реално да се надеваме на пласман на ЕП, за Србинот нема математика и најважна е победа на првата следна средба. Оваа мудра тактика, се пренесува и на играчите.
„Месец и половина работиме на тимскиот дух во репрезентацијата. Како што кажа и селекторот, нема да има херои, туку ќе победи колективот. Во второто полувреме ги исполнивме задачите што ни ги постави селкторот и за наша среќа победивме“, додаде Александар Костовски.
Против Белгија ни беа потребни 20 минути да влеземе во ритам, да се разбудиме на премиерата, уште 20 да покажеме како треба да се бранат боите на Македонија и дополнителни 5, да го засладиме триумфот што живот значи.
Следни на менито се трите гостувања кај Данска на 13-ти, во живо на МТВ, четири дена подоцна кај Белорусија и да се надеваме мечот за првата позиција, на 20-ти во Белгија, со што скоро сигурно, ќе се знае расплетот во групата Д.
