Тутунопроизводство

Исплатени субвенциите на тутунарите за ланската реколта

26.04.2025 15:03

Интересот за тутунопроизводство се зголемува, констатираат и министерството и производителите. Стигнаа субвенциите за ланската реколта. Земјоделскиот инспекторат открива злоупотреби на земјоделско земјиште дадено под концесија и ќе им го враќа на вистинските земјоделци...

Прилепскиот тутунопроизводител, Ристо Џамбазов, за десетина дена ќе го почне садењето на тутунот од годинашнава реколта. Лани произвел пет тони тутун и останува со производството на оваа извозна индустриска култура.

Тутунарите ги добија и парите од субвенциите. На 14.500 производители им се исплатени близу 40 милиона евра за ланскиот род од 24.000 тони. Годинава се очекува зголемено производство на 27.000 тони тутун.

Министерството распределува под концесија државно земјоделско земјиште, а Инспекторатот континуирано контролира. Досега е откриена злоупотреба на преку 2.000 хектари кои треба да им се вратат на вистинските, особено млади земјоделци.

Контролите продолжуваат, а нова распределба се очекува во јуни и јули.

Елизабета Митреска