Бернстин: За неколку години Македонците без виза ќе патуваат во САД
Македонија е подготвена за преговори за безвизен режим со САД. Главен проблем во моментов е високиот процент на одбиени апликанти од земјава. Конзулот во Амбасадата на САД во скопје за МТВ вели дека очекува за неколку години македонските граѓани да влезат во кругот странци кои слободно ќе патуваат преку Атлантикот...

Најголем проблем е се уште високиот процент на одбиени граѓани за виза, што е околу 20 проценти, а треба да биде до 3 проценти, објаснуваат во Американската амбасада во Скопје.
Велат дека најчесто се јавуваат македонски државјани коишто не ги задоволуваат условите и даваат погрешни податоци при аплицирањето.
„Мислам дека е многу важно ако човек сака да добие виза, американска особено, важно е чесно и искрено да се претстави, да ја каже својата намера одговорно. Мислам кога луѓето мислат дека ние не знаеме што тие сакаат- тогаш имаме пробелм“, вели за МТВ Грегори Бернстин- конзул и прв секретар во Амбасадата на САД во Република Македонија.
Веќе е исполнет условот за биометриски пасоши, но потребно е да се потпишат уште некои договори за соработка на безбедносните служби во двете земји. Деновиве Американскиот конзул во Скопје бил на состанок во нашето МНР на кој добил порака дека Македонија е подготвена за преговори за безвизен режим. Бернстин објаснува дека не е услов една држава да биде членка на НАТО и на ЕУ.
„Тоа е сложен процес како што веќе споменав, можеби за неколку години. Ние сакаме да ги завршиме техничките услови, и после тоа може да зборуваме за повеќе детали“, посочува Бернстин.
Државјаните од земјите во таканаречената „Веивер“ програма за безвизен режим, сепак пред заминувањето во Америка треба да се најават преку интернет и да добијат потврда дека можат да патуваат во САД.
Безвизен режим со САД имаат 38 земји, од кои последната- Чиле, ја доби оваа привилегија во март оваа година.
Ирина Гелевска
