Куманово

Кумановски оџачар во хумана мисија за Кочани

27.04.2025 13:20

Кумановски оџачар во хумана мисија за семејствата во Кочани. Неговата цел е да исчисти 62 оџаци, а средствата да завршат кај најзагрозеното семејство...

Единствениот оџачар од Куманово, 67-годишниот Дино во хумана мисија за семејствата на настраданите во Кочани. Тој наредната седмица ќе замине во градот, каде што се случи најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Целта е да исчисти 62 оџаци, во знак на бројот на настраданите. Средствата во соработка со невладината организација од Кочани, сака да се доделат на најзагрозено семејство.

„Имав намера 59 сега бидна 62. 62 оџака ќе исчистам и сите средства да бидат наменети на една фамилија, која е навистина загрозена од позагрозените таму во Кочани ќе ги донираме на таа фамилија. Сега идната недела ја идам таму“, вели Амзир Рушити-Дино, оџачар од Куманово.

Акцијата вели ќе се одвива во Кочани, но доколку има и други заинтересирани граѓани ги повикува да го исконтактираат.

„Слободно нека ме бараат, со задоволство ќе одам. Парите нека ги донираат на тие фамилии“, дополни тој.

Овој оџачар потенцира дека занаетот е во изумирање, бидејќи младите не се заинтересирани. Работа има, бројни домаќинства сè уште се затоплуваат на огрев. Го бараат и од останатите градови низ државата. Но граѓаните немаат навика, навреме да интервенираат. Од почетокот на годината заедно со пожарникарите учествувал во гаснење на дури 17 пожари на оџаци.

„Птиците прават гнезда имаме згради кои не се покриени доволно во еден оџак има и вентилации, што е најопасно тие вентилации прават проблеми по станови“, истакна Дино.

Освен хуманата мисија за Кочани, тој бесплатно чисти и кај други социјално загрозени семејства, бидејќи потенцира благословот е поскап од парите.

Елена Георгиевска