Јолевски: Македонија има стратегија за септемврискиот самит на НАТО
Македонија не е без стратегија пред септемврискиот самит на НАТО. Со засилена дипломатска офанзива ќе се презентира зошто државава треба да добие покана за членство, вели министерот за одбрана Јолевски. За професионална армија треба и обучен офицерски кадар. Голем е интересот за прием на нови кадети на Воената академија...

Македонија има стратегија за претстојниот самит на НАТО што за неполн месец ќе се одржи во Кардиф,вели министерот за одбрана Јолевски. Лобирањето се интензивира и постојано се укажува на исполнетите реформи и зошто Македонија треба да биде дел од Алијансата.
Еден од сегментите е професионалната и обучена Армија, чиј кадар се школува на Воената академија, која, според него, од ден на ден прераснува во елитна образовна институција. На првиот конкурс за нови питомци се пријавиле 128-мина.Од нив ќе се селектираат најдобрите 25. Ќе има кадети и од Црна Гора и од Босна и Херцеговина,а за прв пат и од една земја членка на НАТО, Словенија.
„Целта е оваа Академија да прерасне во една од најелитините академии во Европа, а сигурно и во регионот, кадешто наставата покрај на македонски јазик ќе се изучува и на англиски јазик. Целта е да имаме студенти од странство, како и наши кадети да преминуваат на некои од воените академии во Европа и во САД“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Напролет наш кадет ќе се школува на американскиот колеџ во Норвич, а преку размена идејата е од идната година американски питомци да студираат на Воената академија. Области во кои натаму ќе се развива оваа институција е сајбер одбраната, логистиката и постдипломските студии.
На воената академија Генерал Михајло Апостолски се школуваат идните офицери на Армијата на Република Македонија. Се обучуваат кадри и за другите државни институции, но и за приватните компани.
Покрај академијата, Македонија го има и регионалниот медиа центар во кој се обучуваат идните офицери за односи со јавноста. Сертифицирани се 25 медиа тренери, 11 од земјава и 14 од странство.
Досега во процесот на обука и едукација биле вклучени над 850 странски и домашни учесници.
Милчо Велески
