Продолжуваат кражбите на регистарските таблички на македонските туристи во Грција

11.08.2014 17:14

Без да бидат забележани, грчките вандали ги извадиле табличките од автомобили регистрирани во Скопје, Битола, Охрид и Ресен. Кражбите биле пријавени на грчката полиција...

Петмина македонци во еден ден на граничните премини Меџитлија и Богородица пријавиле дека во грчки туристички места каде што летувале крадци им ги украле регистарските таблички од нивните возила.

Македонските туристи одморот го минувале на Eгејското крајбрежје на Олимпик Бич и Паралија.

Без да бидат забележани, грчките вандали ги извадиле табличките од автомобили регистрирани во Скопје, Битола, Охрид и Ресен. Кражбите биле пријавени на грчката полиција.

На крајот од минатиот месец пак во Лептокарија возило на Битолчанец било оштетено со црн спреј. На табличките кодот МК бил прекриен со спрејот, а на хаубата и на гепекот бил напишан зборот „слав“. Од грчката полиција не добил записник.

До сега, за време на летната туристичка сезона во Грција, вандалите оштетиле вкупно три возила и регистарски таблички, а од 7 возила биле украдени регистрациите. И лани, на 68 македонски туристи им загорчил одморот во туристичките места во Грција.

На 27- мина автомобилите им биле оштетени по каросеријата, испишани со спреј или изгребани, додека 41 останал без таблички.

 

Миле А. Ристески