Енергетика

Објавен нов меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија

28.04.2025 12:48

Нов тендер за изградба 400-киловолтната интерконекција меѓу Mакедонија и Aлбанија. На проектот му се дава втора шанса, откако договорот со претходниот изведувач, босанската „Eнергоинвест“ беше раскинат, иако фирмата инкасирала 5,8 милиони евра, а само 2 милиони се вратени преку банкарската гаранција. Сепак, директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи тврди дека сме добиле половина од потребната опрема. Новиот рок за изградба на далноводот е крајот на 2027 година...

АД МЕПСО денеска објави меѓународен конкурс за изградба на 400-киловoлтната врска со Албанија, проект за заокружување на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад од особена важност за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.

Новиот конкурс е објавен откако претходниот оператор преку неоправдани барања за дополнителни средства и самоволно напуштање на локацијата го загрози проектот и јавниот интерес, поради што беше прекината спогодбата со него.

Со конкурсот се предвидува креирање на 100-тина километри воздушен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од приближно 17 милиони евра, финансирани преку заем и донации од ЕБОР и европските фондови.

Крајниот рок за поднесување на понуди е 45 дена, а се предвидува во третиот квартал од тековната година да биде одбран најдобриот понудувач. Реализацијата на проектот треба да започне во почетокот на наредната година, а комплетно да биде финализиран до крајот на 2027 година.

„За да дојдеме до одлуката ги консултиравме сите сериозни чинители и на крај одлучивме да го раскинеме договорот зашто имаше неосновани финансиски побарувања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот и условување со зголемени финансиски средства. Сето тоа е во спротивност со договорот и затоа тоа е основниот и најголемиот аргумент за негово раскинување. Освен тоа од 2020 година до сега затекнавме реализација на само 24 од вкупно 269 столбови, што јасно укажува дали имало сериозност во изведувањето и завршувањето на проектот или не“, потенцираше директорот на МЕПСО, Љатифи.

Тој нагласи дека се очекува конкурсот да заврши во третиот квартал од годинава кога треба да биде избран операторот, имплементацијата на проектот да започне на почетокот од 2026, а целосно да биде заокружен до крајот на 2027 година.