Крушево преполно со туристи!
Туристичката кампања за откривање на убавините на нашата земја ги дава посакуваните ефекти. Секое интересно место кое има што да понуди веќе е на мапата и на домашните, а многу повеќе на странските посетители . Така е и во крушево, кое со многубројните содржини, а секако и со природата, ги одушевува туристите...

Крушево веќе пулсира 12 месеци во текот на годината како вистински туристички центар. Градот е преполн со гости. Етно градот, проектот Крушево град на културата за 2014, прекрасната природа, параглајдингот, музеите, историјата се адутите на Крушево. Најпосетени локации секако се гробот на Тоше и неговата Спомен куќа.
„Доаѓаме од Словенија, правиме тура низ цела Југославија, а сега дојдовме да го посетиме гробот на Тоше, прв пат сме тука“, рече турист од Словенија.
„Досега Спомен куќата на Тоше ја имаат посетено над 600.000 гости, луѓе доаѓаат од целиот свет“, вели Надица Талеска, кустос во Спомен куќата на Тоше.
Доста посетени се и 33 метарскиот крст како и манастирот Свето Преображение кој го градеше Тоше.
„Тука доаѓаат Јапонци, Кинези, Африкаци, буквално до цел свет. Најмногу ги интересира како е поврзан Тоше со манастирот“, кажа Анастас Проески, чичко на Тоше.
Природата пак во Крушево е приказна сама за себе.
Коријата е еден од заштитните брендови на Крушево. Кога човек поминува по овој пат, каде и сончевите зраци едвам успеваат да продрат низ шумата чувството е неверојатно. Мирот и спокојот комплетно го обземаат вашиот дух.
Туристите од сите страни од светот се восхитени од уникатните убавини.
„После 30 години по втор пат сме тука во Крушево, прекрасно е, природата е фасцинантна, луѓето се многу гостопримливи“, рече еден турист од Холандија.
„Бројот на туристите од Бенелукс оваа година е доста зголемен“, изјави Свето Миленкоски, туристички водич.
Еден од моторите на туризмот е и параглајдингот.
„Магично е тука, временските услови се прекрасни, и е многу ефтино“, рече турист од Чешка.
Се гради и нова туристичка инфраструктура. Во близина на 33 метарскиот крст интензивно се гради новата туристичка населба со 23 локации, а иста ваква ќе никне и кај вештачкото езеро каде веќе се продаде 34 локации за викенд куќи 2 локации за мини хотели.
„Крушево можам да кажам дека го доживува својот процут, ова е една од најдобрите туристички сезони кои што сме ги имале, се бара во градот кревет повеќе“, истакна Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Крушево полека, но сигурно се врати на светската туристичка мапа.
Дарко Штаргоски
