МЕПСО

Електропреносниот систем е стабилен, и покрај предизвиците за Велигденските празници

28.04.2025 16:53

Сега е во стабилна состојба, но преголемото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи била причината електросистемот безмалку да доживее колапс за време на Велигденските празници, уверува првиот човек на МЕПСО, Бурим Љатифи...

Сега е во стабилна состојба, но преголемото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи била причината електросистемот безмалку да доживее колапс за време на Велигденските празници, уверува првиот човек на МЕПСО, Бурим Љатифи. Три дена работел со исклучени фотоволтаици по проценка на МЕПСО и електродистрибуција, со одобрение на Регулаторната комисија за енергетика.

„Имаше предизвици за време на викендов и затоа се преземени тие мерки, но тоа што можеме да го кажеме е дека правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа“, рече Љатифи.

Трговците имале долг од околу 10 милиони евра, сега изнесува 7,2 милиони евра. Зголемување на банкарските гаранции и нивно активирање кај трговците на електрична енергија кои се балансно неодговорни, најавуваат надлежните.

„Дел од компаниите со кои е потпишан договорот за репрограмирање на доспеаните, а неплатени фактури континуирано си ги плаќаат сегашните фактури и ратите од репрограмираниот долг со камата. Други во целост ги подмирија долговите, а за останатите се преземени сите правни мерки за наплата, односно покренати се соодветни извршни постапки и постапки по нотарски платен налог“, вели Љатифи.

Распишан е меѓународен тендер за интерконекцијата помеѓу Македонија и Албанија што е клучен проект за енергетската стабилност. Предвидена е изградба на 100-тина километри надземен далновод кој ќе чини околу 17 милиони евра.

Александра Велинова