ДКСК: Личната одговорност не ја поткопува колективната
Расте притисокот врз претседателката на Антикорупциска, Димитровска. Веднаш да си поднесе оставка од претседател на Антикорупциска, ја инфицира институцијата – и порачуваат нејзини колеги по сомнежот дека е вмешана во случајот „Адитив“. Членовите од Комисијата велат одговорноста е индивудуална, да не се поткопува колективната посветеност, уверуваат дека работат ефикасно и независно...

Постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност, велат од Антикорупциска комисија по случајот со претседателката Димитровска осомничена во случајот „Адитив“. Уверуваат дека се целосно доследни на принципите на интегритет, и работат независно и ефикасно.
„Државната комисија уверува дека постапките за утврдување индивидуална одговорност не ја поткопуваат институционалната и колективната посветеност. Свесни сме за важноста и значењето на довербата од јавноста. Затоа ќе продолжиме да работиме со највисока транспарентност и да соработуваме со надлежните институции, обезбедувајќи почитување на законите и највисоките етички стандарди во рамките на ДКСК“, велат од ДКСК.
Тежок удар врз општеството и врз институцијата, вака поранешната претседателка на Антикорупциска ги оцени последните случувања во институцијата.
Актуелната претседателка мора веднаш да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, смета нејзината претходничка Ивановска. За ексчленот на антикорупциска Георгиев, пак, одговорноста е индивидуална, но сепак случајот влијае на имиџот и угледот на комисијата во јавноста. На потег сега е Собранието, кое ја избрало Димитровска за антикорупционер, но и самата комисија, која треба да направи проценки за ризик од корупција.
Моделот на избор, што се покажа успешен за претходниот состав, при изборот на новата ДКСК во 2023 година бил злоупотребен и имал политичко влијание, велат од македонскиот центар за меѓународна соработка.
Транспарентноста и отчетноста с клучни, порачаа експертите и претставниците на повеќе јавни институции на дебатата за антикорупција на која домаќин беше Националната конвенција за ЕУ во Македонија и европското движење.
Ана Јосифоска
