Лалакос: Грчките власти го истражуваат видеото на „Јутјуб“

11.08.2014 17:37

МНР, како што соопшти, бара од грчките власти да преземат итни мерки за осуда на ваквите појави и тенденции кои не се во духот на европските вредности и стандарди...

Амбасадорот на Грција во Република Македонија, Теохарис Лалакос, денеска беше повикан во Министерството за надворешни работи при што му е врачена протестна нота по повод последната акција на Специјалните сили на Армијата на Грција за време на заедничка воена вежба со Армијата на Кипар во јули 2014, при која се скандираат провокативни пароли и преовладува говор на омраза.

„Нашите власти инстражуваат да видат што навистина се случило зошто досега имаме видео на ’Јутјуб’, што не е ништо автентично и проверено. Истрагата ќе покаже што се случило, каде и кога се случило.  Истрагата е во тек. Но, сакам да нагласам и тоа го кажав и во МНР, е дека она што го видовте на видеото и што го чувте, не го претставува во никој случај офицјалната позиција на грчката влада, на грчката армија и чувствата на грчкото опшество кон граѓаните на вашата земја и вашата земја“, истакна Лалакос за МТВ.

МНР, како што соопшти, бара од грчките власти да преземат итни мерки за осуда на ваквите појави и тенденции кои не се во духот на европските вредности и стандарди и да се заложат вакви нецивилизирани акти да не повторуваат во иднина.

На денешната средба беше врачена и нота во врска со праксата на лепење налепници на македонските возила поврзана со употребата на кодот МК на регистарските таблички.