Собрание

Интерпелацијата на министерот Тошковски денеска пред пратениците

29.04.2025 08:18

Интерпелацијата е поднесена на 14-ти април поради тоа што, според „Левица“, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група „Левица“. Пленарната седница е закажана во 11 часот.

Интерпелацијата е поднесена на 14-ти април поради тоа што, според „Левица“, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

Од „Левица“ велат дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Првите три основи, според „Левица“, се немањето никаква контрола врз дискотеката „Пулс“, што е законска обврска на МВР, нелегалната употреба на пиротехнички средства и неукажувањето помош од страна на полициските службеници.

Според „Левица“, МВР потфрлила и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ.