Струјата се враќа во Шпанија и Португалија
Причините за електричниот колапс сè уште се нејасни...

Снабдувањето со електрична енергија постепено почна да се обновува во делови од Пиринејскиот Полуостров по масовниот прекин на испораката на струја што ги парализираше Шпанија и Португалија. Причините за електричниот колапс сè уште се нејасни. Шпанскиот премиер кој прогласи вонредна состојба изјави дека за само пет секунди, земјата останала без 15 гигавати електрична енергија, или 60 проценти од националната потрошувачка. Во земјата распоредени 30 илјади полицајци за да го заштитат јавниот ред и мир.
„Техничарите на „Ред Електрика“ се обидуваат да утврдат што предизвикало толку ненадеен пад. Тие работат на утврдување и решавање на проблемот, но сè уште немаме информации за причините за овој прекин. Ништо вакво никогаш порано не се случило“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
750 илјади корисници во Португалија добија струја откако две трафостаници што го снабдуваат Лисабон го вратија напојувањето со електрична енергија-соопшти „Националната енергетска мрежа“. Претходно, делови од Франција накратко останаа без електрична енергија.
