Шпанија и Португалија

Обновен енергетскиот систем во Шпанија и Португалија

29.04.2025 09:52

По целосниот колапс, се нормализира состојбата во електроенергетскиот систем на Пиринејскиот полуостров. Шпанија, Португалија и делови од Франција беа целосно парализирани, откако останаа без електрична енергија. Причините за пад на електроенергетскиот систем сè уште целосно не се расветлени...

Снабдувањето со електрична енергија во Шпанија и во Португалија се нормализира откако двете земји останаа парализирани по масовниот прекин на мрежата. Причината за електричниот колапс сè уште е непознат, но не се отфрла можноста за нерамнотежа во шпанската енергетска мрежа да довела до дефект во меѓусекторската врска меѓу електропреносните мрежи на Шпанија и Франција.

„За причината, она што техничарите на „Ред Електрика“ ни го кажуваат е дека 15 гигавати од производството одеднаш биле изгубени од системот за само пет секунди. Тоа е еквивалентно на приближно 60 насто од побарувачката на земјата во тоа време. Ова е нешто што никогаш порано не се случило. Техничарите се обидуваат да утврдат што предизвикало толку ненадеен пад“, изјави Педро Санчез – премиер на Шпанија.

Дефектот во електричната мрежа предизвика тотален хаос во двете земји. Метроата останаа заглавени, авионите приземјени, семафорите изгаснати, а банкоматите надвор од функција. Голем број туристи во Барселона збунети и исплашени.

„Преминот не работеше, Старбакс беше затворен, знаете“, изјави жител.

„Само се надеваме дека тоа нема да влијае на нашиот лет дома“, рече жителка.

„Бевме покрај катедралата Саграда Фамилија која е полна со туристи. Очигледно е дека ни требаше телефонски сигнал за да можеме да се движиме. Стана комплицирано“, рече чилеанска туристка во посета на Барселона.

Жителите на Лисабон сведочат дека сите комуникации во земјата биле во прекин и се сомневаат на кибернапади.

„Работевме и одеднаш, компјутерот се исклучи. Мислевме дека снема струја, како што понекогаш се случува, но потоа слушнавме дека е кибернапад преку лошата интернет-врска што ја имавме. Подоцна и таа се прекина“, изјави Филомена Пирес – жителка на Лисабон.

„Разговарав со ќерка ми веднаш откако снема струја, а потоа врските се изгубија. Доколку ова е некаков проблем со кибербезбедност, тоа е комплексно. Европа ќе треба повторно да размисли што ќе прави, имаа предупредувања и никој не се грижеше. Сега треба да размислиме како да се заштитиме“, изјави Антонио Годињо – ИТ специјалист.

Португалскиот национален центар за кибербезбедност соопшти дека нема знаци за таков напад, додека владата во Лисабон тврди дека прекинот произлегувал од проблеми надвор од земјата. Поради дефектот без струја претходно накратко останаа и делови од Франција.

 

Бојана Крстевски