Путин најави тридневно примирје, Зеленски бара 30 дена прекин на огнот
Продолжува војната на 21-от век меѓу Русија и Украина. Киев и Москва си разменија по 100 експлозивни дронови, противвоздушната одбрана имаше полни раце работа. Во руски Белгород загинаа две, во украински Дњепропетровск едно лице. По објавата на Путин за прекин на огнот од 8-ми до 10-ти мај, Зеленски возврати со барањето примирјето да се продолжи на 30 дена. Трамп смета дека е блиску до договор, Украина сè помалку има воена опрема да се спротивстави на руските напади.

Украинците се сомневаат во најновата објава на шефот на Кремљ за тридневен прекин на војната. По бранот експлозии на дроновите-бомби од двете страни, во Киев не веруваат дека се ближи крајот на војната. И која е цената.
„Сега Путин размислува за безбедноста, бидејќи нашите дронови можат да долетаат и до парадата на победата. Не му верувам“, вели Ирина-жителка на Киев.
„Тоа е исто како да му веруваш на Бин Ладен или на други криминалци дека се борат за човечноста“, додава Петро-жител на Киев.
Зеленски го повтори барањето за 30-дневен прекин на огнот. Не можеме да чекаме на Парадата на победата, мора Вашингтон посилно да ја притисне Москва.
„Нашиот предлог е потврден во сила е и американскиот. Прекинот е можен. Американците можат да ги притиснат Русите да се дојде до бараниот одговор“, вели украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Американскиот план за преотстапување на Крим и Донбас, копнениот пристап до стратешкиот полуостров под руска контрола и натаму е на масата. Киев не ќе може во НАТО, но се надева на брза траса за членство во Европската унија. За тоа треба консензус во Брисел кој се обидува да го промени во квалификувано мнозинство гласови. Братислава и Будимпешта се против.
„Ги повикувам клучните актери во Европската унија. Слушајте што ви велиме. Не преземајте чекори кои ќе водат кон распаѓање на Унијата. Да се укине правото на вето е чекор кон укинување на Европската унија“, вели Роберт Фицо-премиер на Словачка.
„Ако немаме едногласност во надворешната политика, ако земјите не можат веќе да ги застапуваат своите позиции, тогаш можеме да бидеме вовлечени во војна, а нашите народи тоа не го сакаат“, изјави Виктор Орбан-премиер на Унгарија.
Наредната недела може да биде клучна за реализацијата на американскиот план. Вашингтон неколкупати повтори, во спротивно се повлекува од преговорите за траен мир во Украина.
Зоран Богатинов
