Кос: Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се тажни приказни на Балканот
Во интервју за Радио Слободна Европа, Кос вели дека ако Киев чека почеток на преговорите со Европската Унија колку Скопје, преговорите би ги започнале во 2045 година.

Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се тажни приказни на Балканот, во однос на европската интеграција, став на еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Во интервју за Радио Слободна Европа, Кос вели дека ако Киев чека почеток на преговорите со Европската Унија колку Скопје, преговорите би ги започнале во 2045 година.
„Доаѓам од Словенија која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Во некои аспекти регионот беше подобар пред 20 години отколку што е денес. Има две или три многу тажни приказни. Косово е тажна приказна затоа што не може да тргне понатаму. Друга тажна приказна е Северна Македонија. Знаете, кога Украина би чекала онолку колку што Северна Македонија чека на почеток на преговорите, Украина тогаш би почнала со преговори во 2045 година. Секако, тука е и Босна и Херцеговина“ – изјави еврокомесарката Кос.
Кос кажа дека Црна Гора и Албанија во моментов се најблиску до членство на ЕУ.
