ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Модернизација на дел од земјоделските задруги

29.04.2025 13:01

Земјоделските задруги помагаат во јакнење на земјоделството. Отвораат простор за споделување искуства и воспоставување нови партнерства, но проблем е недостигот на кадар. Ниту платата од 1.000 до 1.500 евра не може да ги задржи овчарите во земјава...

Јагнешко, мед, млеко, сирење, јаболки и евроамбасадорот Рокас не можеше да им одолее на производите на македонските земјоделци и сточари. Природните ресурси на земјава овозможуваат многу поголемо производство, но недостига кадар. Ниту платата од 1.000 до 1.500 евра не може да ги задржи овчарите во земјава. Овци се одгледуваат само 10 насто од она што се одгледувало некогаш – вели Моме Младеновски од земјоделската задруга „Овчеполка“.

Обуките на земјоделците од земјоделските задруги им овозможиле полесен пристап до финансии, поголема безбедност и квалитет на храната, брендирање на производите и географска ознака.

Набавка на опрема, механизација и модернизација на капацитетите за производство на храна е целта на проектот. Се очекува подобрување на конкурентноста, зголемено производство и интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство-вели министерот Трипуновски.

Земјоделските задруги се столбот на руралните економии. Бенефит ќе имаат и потрошувачите и земјоделците, истакна евроамбасадорот Рокас.

Обезбедена е техничка и финансиска поддршка од 500 илјади евра на осум земјоделски задруги.

Александра Велинова