Во Собранието интерпелација на министерот за внатрешни Тошковски поднесена од „Левица“
Интерпелацијата е поднесена на 14-ти април поради тоа што, според „Левица“, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР...

Работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на разгледување пред пратениците на македонското Собрание. Интерпелацијата што ја поднесе пратеничката група на „Левица“, пред народните избраници ја образложи пратеникот Сашко Јанчев. Базирана е на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани. Тошковски досега не ни помисли да понуди оставка од морални причини, нешто што го правеле претходни македонски министри во слични ситуации, рече Јанчев.
Тошковски вели дека не се плаши од одговорност и жали за секој изгубен живот, а институциите постапуваат по сите случаи во согласност со законот.
„Пред вас не стојам како министер, туку како човек кој ја разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како министер и родител“, рече Тошковски.
И опозициските СДСМ и ДУИ побараа министерот Тошковски да си поднесе неотповиклива оставка од морални причини затоа што за трагедијата во Кочани директно се одговорни актуелните функционери и службеници од МВР кои не направиле контрола за пиротехнички средства, кои, пак, се директна причина за несреќата.
Пратениците од владејачкото мнозинство потенцираа дека дрско и безобразно е опозицијата да ја користи трагедијата за добивање политички поени.
За расправата по интерпелација се пријавени над 30 пратеници, таа треба да заврши до полноќ. Претходното барање за политичка одговорност за министерот Тошковски го покрена ДУИ во јануари годинава, но тоа не помина зашто доби мала поддршка во законодавниот дом.
Игор Панов
