Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека бараат одговори и одговорност
Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека на „Марш за ангелите“ во Скопје. Побараа повеќе информации за истрагата и одговорност. Дел се сретнаа и со државниот обвинител Коцевски…

Семејствата и роднините на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, овде во Скопје пред државните институции бараат одговори за насилната смрт на нивните деца.
Велат, не разбираат, како осомничените се приведуваат, па потоа се ослободуваат од притвор. Дел од семејствата на настраданите одбија да се сретнат со обвинителите со став дека ова е задоцнета реакција. Сметаат дека е обид за манипулација. Бараат отчет и одговорност од првите луѓе на Обвинителството и од МВР.
Дел од нив се сретнаа со државниот јавен обвинител и останатите 13 обвинители вклучени во истрагата, по вчерашниот повик на Обвинителството за средба на претставници на семејствата кои сакаат увид во сите аспекти на истражната постапка. По завршувањето на состанокот, тие беа воздржани за детали од разговорот. Од Обвинителството информираа дека одговориле на сите прашања и дилеми на блиските на настраданите.
„Обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуалната одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојните распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, велат од Обвинителството.
Осомничени за несреќата се 60 физички и три правни лица. Меѓу приведените се актуелни и поранешни високи функционери. Од ОЈО информираат дека првични резултати од истрагата се очекуваат во следните неколку дена. Упатуваат отворени повик за сите кои можат да сведочат за кобната вечер.
„Во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот ОЈО упатува отворен повик до сите коишто имаат лични сведоштва за несреќата информации и докази во однос на работата на клубот Пулс-Кочани, како и сознанија поврзани со работа на институциите надлежни да постапуваат да ги споделат со истрагата“, велат од Обвинителството.
Од Апелациониот суд во Штип информираат дека од поднесените осум жалби на решенијата за притвор, уважена е само една. Во трагедија во Кочани настрадаа 59 млади луѓе, тројца подоцна им подлегнаа на повредите. Повредни се 200 лица.
Марина Стојанова-Тонева
