Зголемен ризикот од повторна појава на епидемија од мали сипаници
Се одбележува европската недела на имунизација. Високата покриеност со вакцинација спречува епидемии. Министерот Таравари во посета на вакциналниот пункт во поликлиниката „Букурешт“...

Во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром зголемен е ризикот од повторна појава на епидемија од мали сипаници. Во нив, опфатот на имунизација кај децата со МРП вакцината е помал од 60 проценти – предупредуваат надлежните. Но, има и населени места каде што опфатот е над 90 отсто, тоа покажува дека родителите им веруваат на вакцините, но влијание имаат социјалните мрежи ширејќи дезинформации.
„Ова е квалитетна безбедна вакцина, која се користи и во западноевропските земји и секаде во светот, безбедна е и заштитува. Повторно апелираме до родителите, да се советуваат со здравствените работници, педијатрите, семејните доктори во однос на заштитата која оваа вакцина ја обезбедува“, изјави проф. д-р Александра Гроздановска – национален координатор за имунизација.
Лани покриеноста со МРП вакцината била 72,3 проценти – опфат кој не е доволен за да се заштитат децата од мали сипаници, високозаразна болест која лесно се шири. Иако интересот за ХПВ вакцината е зголемен, сепак само половина од 14 годишните девојчиња се целосно вакцинирани. Здравствените власти најавуваат теренска имунизација.
„Со помош на СЗО за 18 општини веќе се обезбедени 35 тимови за вакцинација, кои ќе одат од врата до врата за да им кажат на луѓето колку е важна вакцинацијата“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
Опфатот на имунизација во 2024 година е зголемен во споредба со претходните три години, но за да се достигне колективен имунитет потребно е стапката на имунизација да биде од 90 до 95 насто.
„Особено поддржувам секое младо момче и девојче да прими ХПВ вакцина, знаеме дека таа спречува рак на грлото на матката кај младите девојки и не сакаме да избие пандемија на мали сипаници или на голема кашлица“, изјави Аким Али – претставник на СЗО.
Се проценува дека вакцинацијата спречува од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишно, од болести како што се дифтерија, пертусис, грип и мали сипаници.
Колку е поголем процентот на имунизација, толку е поголем колективниот имунитет, тој ги штити децата што не подлежат на вакцинација и луѓето со компромитиран имунолошки систем.
Андријана Ѓурческа
