Свет

Стејт департмент: Русија и Украина да дадат конкретни предлози за ставање крај на конфликтот

30.04.2025 08:17

Шефот на руската дипломатија го отфрли предлогот на Зеленски за итен прекин на огнот, откако претходно рускиот претседател Путин предложи 72-часовно примирје за Денот на победата. Зеленски сугерира дека Русија можеби подготвува нов напад, користејќи ги воените вежби во Белорусија како камуфлажа.

Русија и Украина мора да дадат конкретни предлози за ставање крај на конфликтот, во спротивно САД ќе се откажат од напорите за посредување, велат од американскиот Стејт Департмент.

„Како ќе продолжиме оттука е одлука која му припаѓа на претседателот. Ако нема напредок, ќе се повлечеме како посредници во овој процес“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.

Шефот на руската дипломатија го отфрли предлогот на Зеленски за итен прекин на огнот, откако претходно рускиот претседател Путин предложи 72-часовно примирје за Денот на победата.

„Сега одеднаш, во заднината на она што се случува на теренот, на линијата на фронтот, каде што украинскиот режим се повлекува, тие ја сменија позицијата за 180 степени и почнаа да бараат итен прекин на огнот без предуслови. Ги поминавме сите овие ситуации“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Зеленски сугерира дека Русија можеби подготвува нов напад, користејќи ги воените вежби во Белорусија како камуфлажа.

„Погледнете ја Белорусија, Русија подготвува нешто таму ова лето, користејќи воени вежби како покритие. Обично така почнуваат нов напад. Но, каде ќе оди? Не знам. Украина? Литванија? Полска? Господ да не благослови! Но, сите треба да бидеме подготвени“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател за време на говорот на самитот на иницијативата „Три мориња“ рече дека сите сакаат војната да заврши праведно без никакви територијални отстапки кон рускиот претседател Путин.