Седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика
Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денес ќе одржи седница, на чиј дневен ред е Предлогот на законот за работно ангажирање на лица, во второ читање, доставен од група пратеници...

Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денес ќе одржи седница, на чиј дневен ред е Предлогот на законот за работно ангажирање на лица, во второ читање, доставен од група пратеници. За Предлог-законот се доставени вкупно 24 амандмани.
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во име на предлагачите, на 16 април на јавната дебата објасни дека во членот 5 во Законот е наведено дека во агрикултурата, шумарството и риболовот, во објектите за сместување, услужните дејности за храна и угостителството може работно да се ангажираат лица и тие да бидат од сезонски тип.
Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страница, донесувањето на Законот за работно ангажирање на лица во одредени дејности ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, сузбивање на неформалната економија и подобра контрола на спроведување на трудовото законодавство. Со овој пропис, како што се истакнува, се регулира начинот на воспоставување на работни ангажмани со или без прекини кои ќе имаат значајна улога за вклучување на одредени категории лица во рамки на формалната економија.
На 16 април на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика се одржа јавна расправа по овој предлог-закон. Дел од панелистите на оваа седница од надлежни институции ги истакнаа своите сугестии и предлози во насока на подобрување на законското решение.
