Руско - украински конфликт

Вашингтон бара дијалог за прекин на војната или најави повлекување од посредништвото

30.04.2025 09:01

Дали е на повидок договор за крај на војната во Украина? Рускиот претседател, Путин, најави тридневно примирје по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот. Зеленски бара прекинот на огнот да биде итен, безусловен и да трае најмалку 30 дена. Вашингтон бара дијалог или најави повлекување од посредништвото...

Сонот на Путин беше да ја презеде цела Украина, но поради мене нема да случи тоа, уверува американскиот претседател. Во интервју за„ЕЈ – БИ – ЕС“ истакна дека Кремљ сака мир и покрај неодамнешните напади.

„Путин ја сакаше цела Украина. Мислам дека ако не победев на изборите, тој ќе ја добиеше цела Украина. Верувам дека тој е подготвен да ја прекине борбата. Ќе кажам дека не бев среќен што  видов Путин како истрелува проектили во неколку градови и тоа не беше нешто што ми се допадна. И мислам дека е несоодветно. Целата војна е несоодветна“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Русија и Украина мора да дадат конкретни предлози за ставање крај на конфликтот, во спротивно САД ќе се откажат од напорите за посредување, велат од Стејт Департментот.

„Како ќе продолжиме оттука е одлука која му припаѓа на претседателот. Ако нема напредок, ќе се повлечеме како посредници во овој процес“, истакна Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.

Првиот чекор кон мир во Украина е Русија да се согласи на безусловно примирје, дециден е украинскиот претседател.

„Русија мора да преземе јасни чекори кон завршување на војната и ние инсистираме дека безусловниот и целосен прекин на огнот треба да биде првиот чекор. Русија мора да го стори тоа. Во моментов, тие се загрижени дали нивната парада е доведена во прашање - и со право. Но, тие треба да бидат загрижени поради фактот што оваа војна се уште трае“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски,.

Шефот на руската дипломатија го отфрли предлогот на Зеленски за итен прекин на огнот, откако претходно рускиот претседател Путин предложи 72-часовно примирје за Денот на победата.

„Сега одеднаш, во позадината на она што се случува на теренот, на линијата на фронтот, каде што украинскиот режим се повлекува, тие ја сменија позицијата за 180 степени и почнаа да бараат итен прекин на огнот без предуслови. Ги поминавме сите овие ситуации“,изјави министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

На фронтот борбите продолжуваат. Не мирува оружјето во Харков и Днепар. Руските единици за воздушна одбрана соопштија дека во текот на ноќта уништиле украински беспилотни летала.

Маријана Димовска