Осогово со Пониква станува туристички бренд
Осоговијата е масив кој со врвот Пониква стана туристички бренд во источниот регион. Замислен како зимски центар, станува се поатрактивен и во лето. Има доволно сместувачки објекти, кои се секогаш полни. Општините Кочани и Пробиштип работат на плановите за натамошната урбанизација на планинскиот центар...

На само 20 километри од Кочани, до Пониква се пристигнува по асфалтен пат кој води до густа букова шума и прекрасни пејзажи – вистинско место за одмор и релаксација.
„Ова е една од поубавите планини во регионот“, вели Кире Монев, посетител од Штип.
„Штом излезам од градот и доаѓам наваму, подруго се чувствувам“, изјави Сашо Крстев, посетител од Кочани.
На располагање на намерниците, но и на туристите им стојат пет угостителски објекти. Осоговската убавица станува се поатрактивна и за гости од останатите делови од државата.
„Прв пат сме тука, го искориститвме слободниот ден да се прошетаме малку. Прекрасно е“, велат Зоран и Снежана Ристовски, посетители од Велес.
Природните убавини, еколошки чистиот амбиент и поволната клима се одлични предуслови за бујна вегетација, па љубителите на природата овде уживаат во берењето, печурки или шумски плодови. А туристичките работници, веќе размислуваат како природните богатстава на планината да ги направат Осоговски бренд.
„Да биде законски регулирано- потенцијал има. Планината е многу богата“, смета угостителот Владо Стојанов.
На посетителите на располагање им е гастономска понуда која е карактеристична за македонската тадиционална кујна, од пунџур до зелник.
„Сакаме да ја зачуваме старата македонска традиционална храна“, нагласува угостителот Горан Стојанов.
Во непосредна близина се наоѓа и резерватот за дивеч „Полаки“, кој располага со можност за лов на елени, муфлони, диви свињи и ситен дивеч.
Општините Кочани и Пробиштип, продаваат околу 100 плацеви за изгрдаба на мотели и вили, со што драстино ќе се зголемат и можностите за сместување на гости.
Зацртан како еден од 34-те зимски туристички центри во просторниот план на Република Македонија, Пониква зазема важно место во развојот на туризмот и општиот развој на Осоговијата.
Оливера Жежова
