Свет

Индија и Пакистан, две нуклеарни сили на раб на војна

30.04.2025 11:41

Светот стравува, двете нуклеарни сили-Индија и Пакистан се на раб на војна по масакрот во Кашмир, каде беа егзекутирани странски туристи. Властите во Исламабад добиле разузнавачки информации дека во идните 24 до 36 часа може земјата да биде нападната и се заканија дека во таков случај, жестоко ќе одговорат. Вашингтон со апел да не се дозволи состојбата да ескалира…

Линијата на контрола којашто се протега низ кашмир, долга 740 километри е повторно потенцијално жариште на војна меѓу Индија и Пакистан. Од Исламабад пристигнуваат разузнавачки информации за можен индиски напад, најдоцна за 36 часа.

На линијата на раздвојување двете армии веќе разменија истрели, пакистанската војска тврди дека соборила индиски набљудувачки дрон во спорната област.

„Пакистан оценува дека на ваков воен авантуризам на Индија ќе возвратиме решително. Меѓународната заедница мора да се соочи со реалноста дека одговорноста за спиралата на кризата и последиците од неа се директно поврзани со Индија“, изјави Атаулах Тарар, министер за информации на Пакистан.

Најновата ескалација во Кашмир, територија управувана од Индија, почна со убиствата на 26 туристи во туристичкиот центар Памалгам. Пакистан потоа понуди соработка во истрагата. Исламабад оценува дека кризата може да доведе до разгорување на војната на целиот индиски потконтинент.

„Понудивме создавање неутрална комисија за заедничка истрага, Индија одби. Решија да одат по опасната патека на неразумноста со катастрофални последици по регионот и пошироко“, изјави Атаулах Тарар, министер за информации на Пакистан.

Жителите на двете држави се сепак најголеми губитници на старо-новото жариште кое датира од 1947-ма, по независноста на Индија од Обединетото Кралство. Мохамед Ајан со пакистански пасош мораше да се врати од лекувањето во Индија поради наредбата на Њу Делхи за сите Пакистанци со индиски визи да ја напуштат земјата за 48 часа.

„Се вратив од Индија. Јас сум парализиран и таму лекарите ми рекоа дека е можно да проодам. Јас сум во инвалидска количка. Сега надежта е изгубена“, изјави Мухамед Ајан-Пакистанец.

„Ги молам владите и на двете држави. Сме виделе досега поделби на границите, но сега се делат луѓето, ова не смее да се прави“, изјави Мохамед Имран-татко на Ајан.

Пакистан и Индија ги отповикаа амбасадорите во Њу Делхи и Исламабад. Антонио Гутереш и Џејмс Дејвид Венс. Генералниот секретар на Обединетите нации и американскиот потпретседател ги повикаа Индија и Пакистан, кои заедно имаат речиси една четвртина од светското население, веднаш да ги смират тензиите.

Зоран Богатинов