Македонија

Димитровска: Комуницирав со семеен пријател пред да биде обвинет во „Адитив“, разговорите не беа поврзани со случајот

30.04.2025 12:20

Пет дека откако беше осомничена во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна, првата антикорупционерка Татјана Димитровска се огласи во јавноста преку отворено писмо. Потврди дека комуницирала со обвинет кој и бил семеен пријател, но пред отворањето на постапката за него и уверува дека разговорите не се однесувале на случајот. Оставка не поднесува и бара да се почитува интегритетот на комисијата...

Откако беше осомничена во случајот „Адитив“ дека наводно откривала службени тајни, по неколку дена молк, со писмо се огласи претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска. Се правда дека имала само пријателска комуникација со еден од осомничените, кој и бил семеен пријател. Кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смеат да бидат оспорени. Принципите на презумција на невиност и владеење на правото, треба да се почитуваат. Преостанатите 6 члена на Комисијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена, наведува Димитровска. Појаснува дека комуникацијата со семејниот пријател, кој подоцна бил обвинет во случајот „Адитив“, била во период пред да почне постапка за него пред надлежното обвинителство и дека комуникација престанала пред да му биде изречена мерка притвор.

„Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со предметот „адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавноста, а преостанатиот дел е вообичаена пријателска комуникација“, наведува претседателката на ДКСК во отвореното писмо.

Димитровска одговорно тврди дека намерата не и била да влијае на постапката или на кој било аспект на истрагата, а дека предметот за проверка на имотната состојба на наведено лице се разгледува во Антикорупциска, предметот не е доделен за постапување кај неа и нема никаква можност да влијае на постапката или врз исходот.

„Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и на транспарентноста. Очекувам дотогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, пишува Димитровска во писмото.

Претседателката не кажува дали ќе поднесе оставка од морални причини, ниту ги коментира ваквите барања од поранешни претседатели и членови на ДКСК. По барање на Обвинителството, судот и го одзеде пасошот на Димитровска и ѝ забрани да работи на предмети во Комисијата.

Милчо Велески