Надалеку познатата Кумановска бања со години затворена
Некогаш надалеку познатата Кумановска бања со години е затворена. Последниот концесионер е во стечај, а новиот се уште не ги презел обврските за санација на овој природен дар. Дотогаш посетителите ги користат чешмите и коритата во кои се собира водата, која според минеролошкиот состав е една од трите најпознати во Европа...

Повеќе од два века се знае за лековитите својства на термалната вода во селото Проевце, а мештаните раскажуваат и бројни легенди. Штета е, велат тие, да не можеме да ги користиме овие благодети од природата, но во недостиг на бањскиот третман и самото влегување до колена во водата што се собира долу под чешмите е лековито сведочат кумановци.
„Во базенот беше многу убаво, цел ќе влезеш ќе се искапиш, сега како е затворена овде држиме нозе кај што се собира водата. После капење се осеќаш смирено, помага многу за нервите... Добро беше, еден куп луѓе од цела држава и од страна доаѓаа се капеа, но како и зошто ја затвотија и се запусте местово не знам... Прв пат доаѓам од странство сум, имав габоболки и дојдов да се измијам слушнав дека многу помагала водата“, изјавија посетителите.
На времето бањата била мелем за лечење од разни болести, каде што имало и депанданс за сместување на лицата и бањски лекар. Оваа вода јавно ја препорачуваат лекарите и додаваат дека не само што лекува, туку освежува и подмладува.
„Релаксирачкото дејството на водата е доста изразено и кога се пие и кога се прват купки. Благопријатно и смирувачки делува на нервниот систем, а минеролошкиот состав е добар и се препорачува и во лекување на органите за варење кај заболувањата на желудникот, црвета и жолчното кесе“, вели невропсихијатрот Мицко Дудучки.
Последен концесионер на бањата беше АД Бисерка од Куманово и откако фирмата замина во стечај, бањата беше оставена на забот на времето и полека пропаѓаше.
Бањата не работи повеќе од 7 години, но наскоро се очекува доаѓање на тројца нови инвеститори кои ќе го обноват бањскиот комплекс и ќе изградат модерен спа центар.
Со сличен минеролошки состав како Куманоската бања во Европа има само уште две бањи, во Виши во Франција и во Карлови Вари во Чешка.
Габриела Димковиќ
