Камбовски: Оставките не носат реформи во судството, потребна е финансиска независност за ефикасни постапки
Секоја година има се повеќе предмети, а се помалку судии и судски службеници. Раздавачите на правдата реагираат дека имаат сериозен недостиг од кадар, а за вработувања чекаа амин од финансии. Оттаму побараа и финансиска независност и вклученост во реформите во правосудството...

За враќање на довербата во судството потребно е тоа да биде ефикасно, за граѓаните да ја добијат правдата, велат судиите. Се пожалија дека иако судската власт по закон треба да биде независна, сепак финансиски е зависна од владата за секое вработување. Алармираа дека судството ќе остане и со 200 вработени помалку на кои не им се продолжени договорите за работа. Алармираа дека има недостиг од кадар, што влијае на ефикасноста. Оставки на сите членови на судскиот совет не се реформа, вели претседателот Камбовски.
Ако реформите во судството се приоритет, тогаш треба и во реалност на дело да се покаже. Судскиот буџет наместо 0,8 проценти бил едвај 0,4. недостигот од кадар влијае на ефикасноста, вели претседателот на Здружението на судиите, Иван Џолев.
Судиите укажаа дека е потребно да се обединат, оти се соочуваат со исти проблеми кои директно влијаат на граѓаните и го нарушуваат угледот на судството и побараа да бидат вклучени во носењето на законските измени за правосудството.
Вистинска финансиска независност и дигитализација ќе ги намали корупцијата и политичкото влијание врз судството, оценија судиите.
Ирина Гелевска
