Почна процесот на вработување на приватните специјализанти
Почнува процесот на вработување на приватните специјализанти. 300 сега, 300 во ноември. Конкурсите распишани, во тек е тестирање на кандидатите. Надлежните се надеваат дека на овој начин ќе се надмине проблемот со недостиг од кадар…

Почна вработувањето на првите триста приватни специјализанти. Болниците ги распишаа огласите, во тек е тестирањето. Предвидено е 89 специјализанти да бидат вработени во 13 здравствени установи во Клиничкиот центар. Следната недела ќе има тестирање за специјализантите за Тетово и Гостивар. Очекувањата се на овој начин да се намали недостигот од кадар во здравствениот систем.
„Првата група од 300 се надевам дека со тестирањата а потоа и со интервјуто ќе завршат до крајот на идната недела и потоа комисиите ќе одредат кои ќе бидат вработени, ги исполнуваат условите и ќе имаат решенија за работа. До крајот на годината, односно до ноември оваа година преостануваат помалку од 300“, изјави министерот Арбен Таравари.
Идната недела здравствените установи треба да ги објават конкурсите за вработување на 1.200 лица, кои во здравствениот систем со години работат со договор на дело. Процесот се пролонгираше поради систематизацијата.
„Систематизациите се завршени, се работи на согласностите и како здравствените установи ги доставуваат барањата за согласности тие се одобруваат. Секоја здравствена установа независно ќе го објавува конкурсот и очекуваме вакви огласи во наредниот период бидејќи дел од здравствените установи веќе ги имаат завршено неопходните постапки“, рече директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Изминатата година приватните специјализанти повеќе пати излегоа на протест, барајќи повисоки плати и регулиран работен однос.
Андријана Ѓурческа
