Украина - САД

Постигнат договор за ретките минерали меѓу Вашингтон и Киев, целосната сопственост и контрола останува кај Украина

01.05.2025 09:59

По неколкумесечни тензии и преговори, САД и Украина го потпишаа договорот за ретки минерали што ќе му даде на Вашингтон пристап до природните ресурси на Киев во замена за американската помош во одбивањето на руската инвазија и обнова на земјата. Меѓу условите во договорот е дека целосната сопственост и контрола останува кај Украина-соопшти украинската министерка за економија...

По неколкумесечни тензии и преговори, САД и Украина го потпишаа договорот за ретки минерали што ќе му даде на Вашингтон пристап до природните ресурси на Киев во замена за американската помош во одбивањето на руската инвазија и обнова на земјата.

„Овој договор јасно ѝ сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран кон слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок. И да биде јасно, на ниедна држава или лице кое ја финансирало или снабдувало руската воена машинерија нема да му биде дозволено да има корист од реконструкцијата на Украина“, изјави Скот Бесент • секретар за финансии на САД.

Меѓу условите во договорот е дека целосната сопственост и контрола останува кај Украина, соопшти украинската министерка за економија.

„Во име на Владата на Украина, го потпишав Договорот за основање на Инвестициски фонд за реконструкција на САД и Украина. Сите ресурси на нашата територија и во територијалните води ѝ припаѓаат на Украина. Украинската држава е таа што одредува што и каде да се вади. Подземјето останува под украинска сопственост – ова е јасно утврдено во Договорот“, информираше Свириденко на социјалните мрежи.

Договорот доаѓа во време на трговска војна на САД со Кина, од каде што се набавуваат 90 насто од моменталните светски залихи на ретки метали. Поранешниот амбасадор на САД во Украина договорот го коментира како фер и избалансиран.

„Сега сме 50-50. Тоа е фер и избалансиран договор од двете страни, и од американската и од украинската. Двете страни се задоволни и ќе имаат обострана корист“, изјави Вилијам Б. Тејлор • поранешен амбасадор на САД во Украина.

Додека украинската влада гледа на договорот како дел од пошироката преговарачка рамка која ќе доведе до воспоставување траен, одржлив и праведен мир, Москва ги условува преговорите за завршување на војната во Украина со исполнување на нејзините стратешки цели. Во текот на ноќта изврши нови масовни напади со дронови врз Одеса. Има жртви и повредени, јавуваат украинските власти.

Бојана Крстевски