Одбележување

Граѓаните со скара и пикник го слават Први мај

01.05.2025 12:54

Додека синдикалците маршираа по скопските улици барајќи подобри услови за работа, повисоки плати и повеќе права, голем дел од граѓаните одлучија да одморат и да си посветат време на себе. Чадот од скарите на излетничките места можеше да се забележи оддалеку. Со музика и мезе и неврзан разговор, граѓаните го одбележаат Меѓународниот ден на трудот...

Некој на улица на протест, некој на излет со скара. Екипата на МТВ на терен да провери како граѓаните го празнуваат Меѓународниот ден на трудот.

Сончево време, мирис на скара, добро расположение и колони возила. Граѓаните не се откажуваат од традицијата Први мај да го прослават на некое од популарните излетнички места во Скопје. Вечна е битката за работничките права и правдата, но секогаш е подобро да се дискутира со пријателите со топла скара и со ладно пиво, велат граѓаните.

Повеќето од излетниците не беа расположени да зборуваат за статусот на работниците во Македонија. Некои пак, убедени се дека со протестите нема ништо да се смени и затоа како подобра опција избрале пикник и скара.

Меѓународниот ден на трудот се празнува во чест на жртвите од првомајскиот штрајк во 1886 година во Чикаго, на кој работниците барале осумчасовен работен ден.

 

Мартин Николовски