Ден на трудот

ССМ со протестен марш за повисоки плати го одбележа 1 Мај

01.05.2025 16:18

Денот на работничките права се одбележува со протести во над 160 земји во светот. Во Македонија, на Меѓународниот ден на трудот, нема единство меѓу синдикалните организации. ССМ маршот кој го почна во центарот на Скопје, заврши пред Владата. Нивните барања се познати, повисоки плати. КСС не им се придружи...

Синдикалните претставници пред Владата, побараа достоинствени плати за достоинствен живот.

Измени во Законот за минимална плата, повисоки плати, доследно почитување на колективниот договор – се главните барања на Сојузот на синдикатите на Македонија, кој Денот на трудот го одбележа со традиционални првомајски протести. Бараат Владата да биде на нивна страна, а не на страната на олигарсите. Велат, само задоволен работник може да ја унапреди економијата и да се намали иселувањето на работоспособното население. Тие со осуда кон Конфедерацијата на слободните синдикати, кои не ги поддржија протестите.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека партијата ги уважува работничките права, но не го поддржува политичкото водство на синдикатите. Обвинуваат дека претседателот на ССМ манипулира со работниците и дека самиот тој зема висока плата. Бараат објаснување за состанокот на Трендафилов со раководството на СДСМ.

„Што барал на состанокот со СДС неодамна и какви инструкции му дале и дали му се доволни 2000 евра плата месечно додека ги лаже и злоупотребува измачените работници чии права и плати се реално ниски? Лицемерната глума на ССМ дека ги бранат работниците додека прават договори со СДС. ВМРО-ДПМНЕ е таа што ја зголеми минималната плата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од КСС веќе го искажаа својот став дека во земјава има добар социјален дијалог и организирано синдикално движење, како и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.

 

Марина Стојанова-Тонева