Мицкоски и Перински во посета на Општина Кавадарци
Денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, ќе ја посети Општина Кавадарци и ќе одржи средби со градоначалникот Митко Јанчев и со членовите на општинскиот Совет. По средбите, министерот Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе извршат увид на градежни активности на повеќе проекти.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе ја посетат Општина Кавадарци во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“ и ќе извршат увид во градежни активности на повеќе проекти.
Мицкоски и Перински на пладне ќе извршат увид во градежните активности на кружен тек вон опфат на регионален пат Росоман – Кавадарци. Изградбата на кружен тек е на површина од 2 700 метри квадратни на R1107 надвор од опфат пред влез во општина Кавадарци. Инвестицијата е преку унгарски заем, грант од Влада, со вредност од 11.300.000 денари со ДДВ.
Потоа ќе присуствуваат на пуштање во употреба на улицата „8 Септември“, која е целосно реконструирана и асфалтирана во должина од 2 500 метри квадратни. Реконструкцијата на оваа улица опфаќа промена на рабници, промена на бекатон елементи на тротоар, вадење на стар асфалт и целосно асфалтирање на истата во два слоја. Инвестиција е преку унгарски заем во висина од 9.107.498 денари со ДДВ.
Во село Сопот ќе биде отворена спортска сала, која е со корисна површина од 500 метри квадратни. Инвестиција на Општина Кавадарци е во висина од 22.000.000 денари. Во објектот, кој е во рамките на основното училиште, се наоѓаат соблекувални, тоалети и просторија за наставниците.
Ќе биде отворен и Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во општина Кавадарци, кој е наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион. Лоциран е во населбата Глишиќ на површина од 5 470 метри квадратни, каде се предвидени изјави за медиумите.
Премиерот Мицкоски и министерот Перински ќе извршат увид во градежните активности на Моклишки водовод (месност Моклиште), проект преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Се работи за изградба на водоводна и канализациска мрежа и реконструкција на каптажите во месноста Моклиште.
Министерството за локална самоуправа со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ има за цел преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување во насока на поголем напредок.
