Се бара начин за почеток на мировни преговори за ставање крај на војната во Украина
Се е во рацете на Украина и на Русија, рече американскиот потпретседателот Венс, додавајќи дека војната во Украина нема брзо да заврши. Шансите за мир во Украина сè уште се многу ниски, призна и американскиот државен секретар Рубио. Изјавите на Венс и Рубио доаѓаат еден ден откако Киев и Вашингтон потпишаа договор за експлоатација на ретките руди и метали што го поседува Украина …

Договорот за минерали го зацврстува партнерството на САД со Украина, но сепак останува на Москва и Киев да постигнат прекин на огнот-велат од Вашингтон. Тврдат дека остануваат посветени да помогнат, но како што велат, нема да летаат по светот и да посредуваат на состаноци кои се сега меѓу двете страни.
„Сега кога секоја страна ги знае условите на другата за мир, од нив ќе зависи да постигнат договор и да го запрат овој брутален конфликт. Тоа не води никаде и нема наскоро да заврши. Се надевам дека и двајцата ќе се вразумат“, изјави Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Украина, пак, се надева дека договорот за минерали со Вашингтон ќе помогне да се оконча војната, Зеленски задоволен. Киев нема да им враќа никаков долг на САД, а профитот од првите 10 години ќе се реинвестира во Украина.
„Овој договор не создава долг – тој воспоставува фонд за закрепнување кој ќе инвестира во Украина и ќе генерира профит тука. Ова е соработка со Америка, изградена врз фер услови, што им овозможува и на Украина и на САД кои нè поддржуваат во одбраната, да имаат корист од ова партнерство“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинците поделени во ставовите.
„Генерално, договорот е позитивна работа, но мислам дека нема да го забрза крајот на војната“.
„Верувам дека можеби немаше друг начин да се гарантира безбедноста – инаку, ќе останевме без ништо“.
Американскиот државен секретар Рубио повторно потенцираше дека наскоро мора да има напредок во разговорите, или во спротивно Трамп ќе мора да реши дали ќе се посвети на ова прашање. Побара од Европа да вложи напор да обезбеди реални ресурси и политичка волја за да помогне во завршувањето на војната. Шефот на француската дипломатија, пак, тврди дека Путин е главна пречка за мирот.
„Украина ги исполнија барањата на Трамп. Но, не видовме Путин да испрати никаков знак за својата подготвеност да ги исполни неговите барањата, напротив, во моментов, главната пречка за мир е Путин“, изјави Жан-Ноел Баро, француски министер за Европа и надворешни работи.
И покрај дипломатските напори за ставање крај на тригодишната војна, руските напади на фронтот не престануваат.
Бојана Крстевски
