Тенис - Мастерс 1000

Почнуваат вистинските возбудувања во Синсинати!

12.08.2014 13:05

Најкомпликувано ќе им биде на Французинот Жил Симон и на Германецот Бенџамин Бекер затоа што за 24 часа ќе одиграат два дуела и тоа против двајца од тројцата главни фаворити...

12 меча на вториот ден на седмиот тениски мастерс од серијата 1000, Синсинати со коишто ќе заврши првото и ќе почне второто коло.

Најкомпликувано ќе им биде на Французинот Жил Симон и на Германецот Бенџамин Бекер затоа што за 24 часа ќе одиграат два дуела и тоа против двајца од тројцата главни фаворити. Откако ноќеска лесно го елиминираше Бернард Томиќ од Австралија, Симон во ноќниот термин во Синсинати, во меч од втората рунда, ќе се обиде да му се спротивстави на најдобриот во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ против кого има само една победа во осумте дуели и тоа во првиот во 2008. Амбицијата на Бекер пак, е изненадување против треторангираниот, Станислас Вавринка од Швајцарија кого во двете досегашни пресметки го совлада пред шест години, но и загуби сезонава во Ченаи.

Турнирот во Синсинати кој се игра од 1899 година,  ќе биде посиромашен за десетиот носител Французинот Ришар Гаске, кој се повлече по повредата на стомачните мускули, поради којашто го предаде и дуелот од третото коло на мастерсот во Торонто против Британецот Енди Мареј. Среќник е 91-от на АТП, Словенецот Блаж Рола кој иако беше елиминиран во квалификациите, ќе дебитира на „илјадарките“ и тоа против друг преставник на „триколорите“, 41-от во светот Жулиен Бенето.

Два од десете денешни меча од стартното коло привлекуваат внимание и ќе бидат дел од спортската програма на МРТ собранискиот сервис од 17 часот.

Во петтиот меѓусебен дуел, шеснаесетиот и деветнаесетиот на светската ранг листа Фелицијано Лопез од Шпанија и Хрватот Марин Чилиќ, ќе влезат со израмнет биланс, 2:2. Предноста на Чилиќ не е во тоа што е 14-ти носител, туку што славеше во двата меча одиграни на брзи терени.

Нерешено, 3.3 е и во мечевите меѓу Жо – Вилфред Ѕонга и Русинот Михаил Јужни, но Французинот, сепак е голем фаворит затоа што блескаше во Торонто каде што ја освои втората мастерс титула во кариерата и по пет месеци се врати во Топ 10.