Образование

Течат подготовките за државната матура

02.05.2025 12:28

Државната матура ќе се полага во фискултурните сали и холовите во училиштата кои имаат просторни услови. За останатите вкупно 1.400 средношколци тестирањето ќе биде на факултетите. Од државниот испитен центар информираат подготовките се при крај. Се надеваат дека овој пат мобилните телефони, нема да влијаат врз оценките...

Течат подготовките за полагање на државната матура. Од Државниот испитен центар информираат, испитот годинава ќе се реализира во училиштата, фискултурните сали или холовите, таму каде што дозволуваат просторните услови, а за другите 1.400 средношколци тестирањето ќе биде на факултетите. Ова доаѓа откако се потврди дека секоја година се јавува проблем со препишување.

„Наидовме на добар прием од страна на ректорите и деканите на факултетите и директорите. Со директорките коишто се изјаснија дека немаат просторни можности да ја реализираат матурата, согласно насоките и правилникот за реализација на истата бевме на високообразовните институции и таму тие го разгледаа просторот и веќе го планираат“, истакна Даниела Јовчевска Михајловска, директорка на Државен испитен центар.

Тестирањето е врз основа на наставната програма. Надлежните се надеваат дека годинава ќе има и подобри резултати, бидејќи досега просечната оцена беше 3,25.

„Одиме токму на таа варијанта да ги нема мобилните телефони и да можат учениците самостојно да полагаат, без да можат да препишуваат. Нашите деца се многу паметни, така што ако добро читаат, ќе одговорат солидно на поставените задачи“, дополни Јовчевска Михајловска.

Училиштата низ земјава од октомври ги започнаа подготовките за полагањето. Наставниците имаат и дополнителни часови.

„Бидејќи материјалот е обемен од сите четири години значи многу материјал и поради тоа подготовките мора да почнат со почетокот на второто полугодие“, истакна Цветанка Ѓорѓиоска, директорка на СОУ „Ристе Ристески Ричко“ од Прилеп.

Двата екстерни испита од државната матура се полагаат на 31 мај и 11 јуни. За полагање се пријавени 15.000 матуранти. Со новиот Закон за средно образование, веќе од идната година ќе биде изменето и полагањето на државна матура, односно ќе има три модели согласно видот на образование (гимназиско, стручно и уметничко).

Елена Георгиевска